Жозе Мурињо до вчера имаше 13 порази на исто толку натпревари кога тимот што го предводел од клупата имал негатива од два или повеќе голови, а со Тотенхем за првпат успеа да слави, иако против Олимпијакос неговиот нов клуб губеше со 0:2.
Со головите на Кејн, кој ја тресеше мрежата на Грците на двапати, и со погодоците на Орие и на Али, Тотенхем успеа од 0:2 да стигне до победа од 4:2 и да стави печат на пласманот во нокаут-фазата во Лигата на шампионите.
И Мурињо се радуваше, ја прекина баксузната тринаесетка со порази со сите клубови кои ги водел, а имале негатива од два или повеќе голови.
Португалецот имаше и интересна изјава по мечот, а му се извини на Ерик Даер, кој беше заменет во 29-тата минута, при водство на Олимпијакос од 2:0.
„Му се извинувам на Ерик, но го извадив од игра за доброто на тимот“, изјави Мурињо. Потегот се покажа како добар, а влегувањето на Кристијан Ериксен на местото на Даер во 29-тата минута ја живна играта на Тотенхем.
Деле Али намали на 1:2 во финишот на првото полувреме, а потоа со три гола во вториот дел лондонскиот клуб победи и се пласира во осминафиналето, заедно со Баерн од групата Б.