Тиквеш од 12 часот има задача да ја оправда апсолутната фаворитска улога против младиот тим на Шкупи, а понеизвесно треба да биде од 14.30 во Тетово каде Шкендија го пречекува Арсими.
Актуелиот првак има шест бодови помалку од лидерот Вардар и нема право на кикс. Шкендија има и еден меч помалку од Вардар, па ако ги добие сите мечеви до крајот, ќе ја освои титулата. Во тимот се свесни што значи дуелот со Арсими кој се бори за избегнување на бара за опстанок и на некои мечеви покажа дека умее да биде опасен гостин.
Шкендија освои само еден бод и не успеа да даде гол на првите два меча против Арсими сезонава, но тимот од Чегране нема ниедна победа во пролетниот дел од сезоната.
„За нас секој натпревар е како финале. Сега остануваат 11 натпревари за нас, 11 финалиња и ќе се обидеме да ги освоиме сите можни бодови за да ја одбраниме шампионската титула. Поддршката од навивачите е добредојдена во вакви моменти. Ги поканувам сите навивачи да дојдат, се надевам дека ќе им вратиме со победа, и на крај со титула“, рече фудбалерот на Шкендија, Дрилон Ислами.
Дефанзивецот на Арсими, Ајрадин Цуцули, призна дека екипата минува низ тежок период.
„Свесни сме дека поминуваме низ не толку добар период. Последните резултати не беа онакви какви што очекувавме и тоа, секако, создаде одредена криза кај нас. Сепак, во фудбалот ваквите моменти се случуваат и најважно е како ќе реагираме како екипа. Шкендија е квалитетна екипа со традиција, која секогаш е силна на свој терен. Од наша страна, ќе дадеме максимум на теренот, имаме квалитет и верувам дека можеме да се вратиме уште посилни во продолжението од сезоната”, изјави Цуцули.

