За што жалат Израелците? – Ангеловски: Бевме подобри и требаше да победиме

Израелците се разочарани од ремито 1:1 со Македонија, вечерва во Бер Шева и истакнуваат дека е пропуштена голема шанса со нови три бода да се зацврстат на втората позиција на табелата во групата Г за настап на Европското првенство следната година. За што жалат, не објаснија бидејќи Македонија имаше многу подобри шанси во текот на мечот и барем пет од нив требаше да бидат голови.

„Пропуштивме голема шанса да се зацврстиме на второто место во групата. Сега повторно сами си ги закомплициравме работите“, пишуваат израелските новинари.

На редовната прес-конференција по мечот им одговори селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.

„Ние сме тие што треба да жалат за трите бода. Имавме шанси, а особено ми е жал за пропуштената во финишот на мечот. Задоволни сме со бод, кој треба да ни биде дополнителен стимул за триумф во Рига против Летонија. Сите играчи беа извонредни, максимално борбени и со неверојатна желба за успех. Така се бранат боите на национална селекција“, истакна Ангеловски.

Тој посебно го истакна стрелецот на голот Аријан Адеми, кој играше цел меч, иако не е фит, а ни донесе бод со израмнувачки гол во 64-тата минута. И Горан Пандев настапи во второто полувреме и покрај хематомот на слабините, што само покажува колку сите во нашиот табор ја посакуваа победата.

- Оглас -

Најнови вести