За тренерот на Бенфика, Динамо Киев е силен противник исто како Барса и Баерн

Бенфика по пауза од пет години, доби прилика да гостува кај украинскиот шампион Динамо Киев, меч кој за тимот на Жорж Жесус претставува еднакво тежок предизвик каков што ќе има против Барселона и Баерн Минхен во групата Е во Лигата на шампионите.

Лисабонските Орли бележат позитивен учинок од 3-1 во победи на вкупно четири меѓусебни средби, во кои победникот редовно успевал да ја сочува мрежата. Жесус е свесен за предизвикот бидејќи Динамо поседува петмина првотимци од репрезентацијата на Украина, која во изминатиот репрезентативен циклус избори реми од 1-1 против светскиот шампион Франција, што само го потврдува квалитетот на фудбалерите кои ги предводи Мирчеа Луческу.

„Во Динамо гледам еднакво квалитетен противник како Барселона и Баерн. Сепак е шампион во својата земја, има играчи кои се првотимци во украинската репрезентација, а тоа е доволен доказ за квалитетот, да не го споменувам ремито на Украина со Франција од репрезентативната пауза. Неточно е дека Динамо е најслабата алка во нашата група. Според мене, Динамо е силен исто колку и останатите наши противници во групата, но ние во сите тие мечеви ќе влеземе со победнички став и да извлечеме што е можно подобри резултати“, истакна Жесус.

Дуелот Динамо Киев – Бенфика е закажан за утре во 21 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести