За Црвените крилја од Детроит нема плејоф – Гигантот е најлошата екипа во последните 24 сезони

Гигантот Детроит редвингс минува низ тежок период и од ноќеска е првата екипа што веќе е елиминирана и нема шанси за настап во плејофот во НХЛ лигата.

По само 63 одиграни натпревари во регуларниот дел популарните Црвени Крилја немаат шанса да учествуваат во доигрувањето за титулата, а со победа од 4:1 маките им ги скратија хокеарите на Њујорк Ајландерс.

Ова е најбрза елиминација на НХЛ тим во последните 24 сезони, откако и Отава ја имаше истата судбина во 1996 година и испадна од трката за доигрувањето по само 63 одиграни мечеви.

Во НХЛ регуларниот дел од сезоната има по 82 меча за секој состав, што значи дека до крај Детроит ќе игра само за престиж.

И што е најинтересно во сезоната 1996/97 кога Отава претрпе експресна елиминација од трката за плејофот, Детроит ја освои својата осма титула од вкупно 11.

Редвингс се гигант во хокејот и се основачи на НХЛ лигата во овој формат како дел од популарните „Оригинални шест“ што важат како основачи на најсилната хокеарска лига на светот.

Со 11-те пехари во Стенли купот Детроит е третата најуспешна екипа, зад Монтреал со 24 и Торонто со 13, а според бројот на финалиња се втори со 24 настапи, само зад неприкосновените Канаѓани од Монтреал со 33 финални серии.

- Оглас -

Најнови вести