Шпанската фудбалска грозница ќе дојде како мелем на рана по долгата апстиненција од пандемијата со Коронавирус, а планирано е 11 кола во Ла Лига да се доиграат за 39 дена.
Почетокот ќе биде со дербито на Андалузија и градско меѓу Бетис и Севилја на 11. јуни, а потоа ќе има секој ден фудбал, се до спуштањето на завесата планирано за 19. јули.
Фудбал нон-стоп за сладокусци, а ги има многу што го ценат и сакаат шпанскиот фудбал. Рестартот е планиран со мечеви од 28. коло во кое дербито на Севилја ќе биде најатрактивно, а секако дека ќе биде интересно и за Алаксандар Трајковски.
Македонскиот репрезентативец не играше за Мајорка во континуитет до паузата поради Ковид-19, па се надева дка нешто ќе се смени, а неговиот тим ќе и биде домаќин на Барселона, при кам-бекот на шпанскиот фудбал.
Енис Барди со Леванте ќе има исто така значаен меч и тоа локалното дерби против Валенсија на „Месталја“.
Реал Мадрид ќе му биде домаќин на Еибар во трката со Барселона за титулата. Моментно Каталонците се први со 58 бода, пред вечниот ривал кој има 56. Тоа се двата состави што се единствени кандидати за титулата во Ла Лига.