7.8 C
Skopje
понеделник, 2 март 2026

За Вардар следува шампионски тест, никој не сака да гледа „аматерска“ кошарка

Минатата недела беше полна со возбудувања на домашната сцена. На фудбалски план имаше дуели во првенствата, но и во Купот, а Вардар е губитникот. Најтрофејниот македонски фудбалски клуб го заврши сонот за освојување на двојната круна откако неочекувано беше елиминиран од второлигашот Охрид во Купот.

Вардар единставно го потцени Охрид, тимот кој е прв во Втората лига и има девет победи и едно реми во последните 10 кола во првенството. Токму тоа потценување значи и елиминација на Вардар, па ќе имаме нов освојувач на Купот.

Во првенството Вардар пропушти победа и против Струга ТЛ на гостински терен. Црвено-црните водеа, но примија гол во финишот, па освоија само еден бод. Следниот предизвик за Црвено-црните ќе биде дуелот против најголемиот ривал во трката за титулата, Шкендија. Тетовци, кои се актуелни прваци, ќе терба прво денеска дома да освојат три бода против Пелистер за да го зголемат притисокот над најтрофејниот. Вардар едноставно против Шкендија има шампионски тест, кој треба да го положи за да потврди дека е зрел за титула.

РЕНОВИРАНАТА ЛЕГЕНДАРНА САЛА „ГРАДСКИ ПАРК“ НЕ СЕ НАПОЛНИ ЗА МАКЕДОНИЈА

Во кошарката, во фокусот беше репрезентацијата која игра претквалификации за пласман на ЕП 2029. Фактот дека сме во претквалификации со едни аматерски селекции како Луксембург, Азербејџан и Република Ирска само потврдува дека кошарката кај нас е на дното и не може подолу да падне.

Позитивно е тоа што имаме три победи во трите дуела со овие кошаркарски анонимуси, но едноставно во кошарката мора да се стремиме да бидеме најмалку чекор напред, односно веќе да не бидеме во претквалификации, туку автоматски да имаме загарантирано место во квалификациите.

Дека никој не сака да гледа „аматерски“ селекции како Луксембург, се покажа и во петокот, кога реновираната сала „Градски парк“ во Скопје, во која не собира ни 1.000 гледачи, не беше исполнета и едвај 500-тини гледачи во живо го следеа овој дуел.

За тоа каква ни е клупската кошарка, покажува и фактот дека МЗТ Скопје Аеродром со години доминира, но кога аеродромци ќе треба да играа во втората АБА-лига, едноставно се губат против потпросечни екипи од регионот.

Вториот кошаркарски бренд во Македонија, Работнички, е во очајна ситуација. Кошаркарите немаат земено плата осум месеца и се заканува дури и згаснување на клубот.

АЛКАЛОИД САМО СО МАКЕДОНСКИ СИЛИ НЕ МОЖЕ ДА ГО СЛЕДИ ЧЕКОРОТ НА ВАРДАР

Од ракометот, Вардар двапати за една недела славеше во „Автокоманда“ против Алкалоид, па тимот предводен од селекторот Кирил Лазаров падна на четвртото место на табелата. Еурофарм Пелистер и Охрид остануваат главни ривали на Црвено-црните во трката за титулата.

На репрезентативен план, женската ракометна селекција в среда во Куманово ќе игра против Белгија во квалификациите за пласман на Европското првенство. Двете селекции имаат по два пораза во првите две кола и едноставно ова е меч кој мора да се добие. Македонија ја има предноста на домашен терен и веруваме дека ќе покажат сила, карактер и желба за триумф.

- Оглас -

Најнови вести