Евертон и Ватфорд со драматичен меч, кој заврши 2-2, го комплетираа колото во Премиер лигата. Со овој резултат, за Ватфорд остана традицијата дека никогаш не победил на „Гудисон парк“, а и на гостување во понеделник нема победа уште од јануари 2011 година, кога беше член на Шампионат лигата.
Евертон поведе со голот на Бразилецот Ричарлисон, кој летоска дојде во клубот од Ливерпул токму од Ватфорд. За Ватфорд цела сезона даде пет гола, а сега на 13 меча има осум погодоци во дресот на Евертон. Тој е четвртиот играч во историјата кој постигнал гол и за и против Ватфорд. Најефикасна сезона на Ричарлисон во кариерата му беше во 2015, кога во втората бразилска лига даде девет гола.
Но, во второто полувреме гостите беа многу подобри и со два гола во 63-тата и во 65-тата минута го шокираа Евертон. Домашните брзо се освестија и во 67-мата минута добија пенал, но Гилфи Сигурдсон не погоди од белата точка и тоа беше психолошки крах за „карамелите“. Исланѓанецот како играч на Свонси не утна ниту еден пенал, но за Евертон од три пенали, даде само еден гол.
Сепак, во шестата минута од судиското продолжение Лукас Дињ од слободен удар даде гол за изедначување. Сега Евертон е седми на табелата, а Ватфорд 12-ти.