По појавувањето на смртоносниот корона-вирус, веќе неколку месеци најголемиот дел од спортските арени каде што полека се враќаат натпреварите, останаа да зјаат празни. Поради предвидената социјална дистанца и превентива од собирање на поголема група луѓе, најголем дел од фудбалските, но и останатите спортски настани се играат пред празни трибини.
Дел од клубовите ставаат картонски фотографии на навивачи за да изгледа како трибините да се полни, некои ставаат огромни платнени рекламни паноа, а некои даваат вештачка атмосфера да делува како стадионите да се полни.
Од Јапонија доаѓа еден сосема нов екстремен план за тоа како би можеле да изгледаат трибините во време на пандемијата со опасниот вирус. Хуманоидниот робот Пепер и кучето-робот Спот може да бидат новите навивачи во Јапонија.
Бејзбол тимот Фукуока Хоукс одлучи на трибините на својот стадион да им дозволи место на роботот Пепер и кучето-робот Спот. И двата роботи знаат да играат и да пеат, односно да создадат атмосфера за време на мечевите. Роботите имаат капчиња и знамиња во боите на клубот, мавтаат со рацете и тропаат со нозете, а имаат и посебна кореографија за секојпат кога домашниот тим ќе направи „хоум ран“. Фукуока со поддршка на овие роботи стигна до победа од 4:3 против Нипон.