19.8 C
Skopje
четврток, 17 јули 2025

Загина Феликс Баумгартнер, човекот кој светот го знае по скокот од вселената

Австрискиот екстремен спортист Феликс Баумгартнер (56), познат низ целиот свет по своите историски скокови со падобран и рекордни подвизи, почина денес во несреќа во Италија.

Баумгартнер го загуби животот во Порто Сант’Елпидио, за време на лет со параглајдер. Според информациите, тој доживеал ненадејно нарушување на здравјето, поради што ја изгубил контролата врз леталото со кое паднал во базен во крајбрежно одморалиште, повредувајќи млада жена.

На последната негова објава на социјалните мрежи напишал: „Премногу ветер“. Како да претчувствувал дека ќе се случи нешто лошо.

Почнал да скока со падобран на 16-годишна возраст, а по воената служба се посветил на акробатски скокови, специјализирајќи се за најсложените, најопасните и најпознатите згради, мостови и природни локации во светот.

Баумгартнер стекна светска слава со неверојатен подвиг во 2012 година. Како дел од проектот „Ред Бул Стратос“, тој скокна од капсула која беше подигната 39 километри над пустината во Ново Мексико со хелиумски балон. За време на слободниот пад, тој ја проби звучната бариера, достигна брзина од 1.357 км/ч и постави голем број светски рекорди. Настанот го следеа во живо повеќе од 8 милиони гледачи, а Баумгартнер стана симбол на човечката храброст и пионер во науката за екстремен физички напор.

Постави 14 светски рекорди, беше првиот човек што го прелета Ламанш со параглајдер и доби бројни престижни награди, вклучувајќи ја и наградата „Лауреус“ за спортист на годината. 

- Оглас -

Најнови вести