Татјана Јечменица (47), поранешна српска тенисерка и екс селектор на Фед куп репрезентацијата на Србија, загина синоќа во сообраќајна несреќа во близина на Белград.
Несреќата се случила кога се судриле патничко и товарно возило. Има информации дека Татјана го управувала возилото и го утнала исклучувањето од автопатот, па се обиделе во рикверц да се врати и тогаш веројатно камионот налетал и удрил директно во автомобилот.
Пожарникарите пристигнале околу 21.15 часот на самото место и пронашле две лица заробени во автомобил. Едно лице (сопругот на Татјана, Дарко Јевтиќ, кој е директор на ракометниот клуб Војводина) бил свесен, и предаден на екипата на брзата помош, додека Тајана починала. Сопругот иако свесен, имал тешки повреди во градниот кош и ставен е во индуцирана кома.
Јечменица беше родена во Нови Сад каде имаше и тениска школа, а како тенисерка стигна до второ коло на „Ролан Гарос“ пред 30 години, додека најдобриот ранг во нејзината кариера беше 72-ро место на ВТА листата.
По завршувањето на играчката кариера работеше и како селектор на женскиот тим на Србија во време кога Јелена Јанковиќ и Ана Ивановиќ беа при врвот, но меѓусебе не беа во добри односи и се обидуваше да ги смири, неуспешно.

