Екипата на Хамрун спартанс од Малта е најсреќната во Европа, затоа што и покрај пет порази на шест меча, уште имаат шанса да влезат во Конференциската лига и да испишат историја како прв клуб од Малта кој влегол во главна фаза на некој од европските купови.
Ниту еден друг клуб нема толку многу порази во квалификациите за европските натпреварувања ова лето.
Хамрун својата одисеја ја почна против Жалгирис, и успеа да ги елиминира Литванците со победа од 3-0 и пораз од 0-2. Потоа играа со Динамо Киев и претрпеа два порази од по 0-3. Следуваше преселба во квалификациите за Лига Европа, и порази од Макаби Тел Авив од 1-2 и 1-3.
Сега Хамрун ќе игра плејоф за влез во Конференциската лига, а ривал им е РФС Рига од Летонија.