Захариевски и официјално си замина од Пелистер, познато е кој е најсериозен фаворит за негов наследник

Срѓан Захариевски и официјално повеќе не е тренер на битолскиот Пелистер. Зелено-белите преку својот официјален профил на „Фејсбук“ се заблагодарија на работата што ја правеше Захариевски во изминатиов период.

„ФК Пелистер врти нов лист во својата иднина и тој нов почеток ќе го означи со нов шеф на стручниот штаб. Клубот спогодбено го раскина договорот со тренерот Срѓан Захариевски и наскоро ќе го именува неговиот наследник.

Захариевски дојде во ФК Пелистер во зимата 2024 година и ја водеше екипата во вториот дел од шампионатот на Македонија 2024/25. Под негово водство нашиот клуб заврши на шестото место во табелата. Клубот му се заблагодарува за професионалноста и стручноста и му посакува успех во понатамошната кариера.

Клубот во најкраток временски период ќе го назначи новиот тренер и неговиот стручен штаб, но и новиот управен одбор и раководечки тим на клубот“, стои во соопштението од клубот.

Најавите се дека наследник на Захариевски ќе биде Горазд Михајлов, кој има големо искуство со работење во макфудбалот.

- Оглас -

Најнови вести