Кошаркарите на Минесота тимбервулфс се први кои обезбедија пласман во следната рунда од плејофот во НБА-лигата откако со чисти 4-0 во победи го елиминираа Феникс санс.
Четвртата победа која ги однесе во полуфиналето од Западната конференција Минесота ја оствари со 122:116. На овој меч блескаше Ентони Едвардс, кој постигна 40 поени, додека Карл-Ентони Таунс даде 28 поени и имаше 10 скока. На Сонцата кои пред две години играа во големото НБА-финале, не им помогна ниту одличниот Девин Букер, кој даде 49 поени.
Минесота во следната рунда ќе игра со подобриот од серијата меѓу Денвер и ЛА лејкерс, каде што Нагетси водат со 3-1 во победи.
https://twitter.com/Timberwolves/status/1784798017721143782
Шампионските амбиции на Милвоки бакс можат да бидат урнати уште на стартот од плејфот бидејќи утринава загубија со 126:113 од Индијана пејсерс и сега им е потребно чудо.
Индијана води со 3-1 во победи, а мисијата на Милвоки изгледа невозможна бидејќи од почетокот на плејофот игра без својот најдобар играч, Јанис Адетокумбо, а сега се повреди и Демијан Лилард, па и двајцата се неизвесни за петтиот натпревар од серијата.
Индијана во четвртиот меч постави клупски рекорд во плејофот со 22 постигнати тројки, а повторно блескаше Мајлс Тарнер со 29 поени, додека Тајрис Халибуртон даде 24 поени. Кај Милвоки најдобри беа Брук Лопез со 25 поени и Крис Мидлтон со 25 поени и 10 скока.
Малку фалеше Далас маверикс да се врати од минус 31 и да слави против Клиперси, но тимот од Лос Анџелес на крајот успеа да победи со 116-111 и да израмни на 2-2 во победи.
Клиперси имаа водство од 55:24 во втората четвртина, но и тоа не им беше доволно за сигурен триумф бидејќи тогаш на сцена стапи Кајри Ирвинг. Ирвинг во тие моменти ги постигна првите поени, но мечот го заврши со 40 постигнати поени. Токму Ирвинг во последната четвртина му го донесе единственото водство на Далас од 105:104, но потоа на сцена стапи Џејмс Харден, кој во наредните четири четири минути постигна 11 поени и му обезбеди победа на ЛА клиперс. Лука Дончиќ поради повреда не беше во можност да одигра на посакуваното ниво и постигна само 20 поени, додека кај Клиперси, Харден и Пол Џорџ дадоа по 33 поени.