Фудбалската репрезентација на Македонија се подготвува за вториот пријателски натпревар против Чешка во Храдец Кралове на 10 јуни. Против Хрватска се појавија многу грешки во играта, па оттаму и поразот од 3-0.
Дефанзивецот Ѓоко Зајков вели дека грешките се детектирани.
„Го анализиравме натпреварот со Хрватска, ги воочивме грешките, имаме неколку дена за подготовка за мечот против Чешка и се надевам дека ќе влеземе со многу поголема самодоверба. Ни треба поголем фокус во одредени ситуации, да бидеме сто проценти сконцентрирани на тактиката којашто ќе ни ја даде селекторот и секој фудбалер да одработи максимално”, вели Ѓоко Зајков.
„Свесни сме и дека некои фудбалери имаат проблеми на клупско ниво, и тоа секако се рефлектира и на игрите во националниот тим“, истакна дефанзивецот.