Фудбалската репрезентација на Македонија утре ќе ѝ гостува на Малта во квалификациски дуел против островската земја. По ремито против Италија на домашен терен, апетите пораснаа и се очекува победа на Македонија со која колку-толку ќе ги задржиме шансите за второто место на табелата.
Дефанзивецот Ѓоко Зајков беше одличен и безгрешен против Италија, вели дека во денешно време фаворити постојат само на хартија, а целта на репрезентацијата е да ги израдува навивачите.
„На утрешниот натпревар треба да одиграме одговорно, сите да дадеме максимум бидејќи Малта не е наивен противник. Квалитетни се и не треба да ги потцениме и со максимален пристап и одговорност да се обидеме да победиме. Со Италија беше друг натпревар. Се работеше за квалитетен противник и моравме да играме повеќе во одбрана, меѓутоа утре ако сакаме да победиме, ќе мора да нападнеме со сите сили. Притисок немаме, одиме на секој натпревар да се надигруваме, на крајот ќе видиме каков ќе биде резултатот. Фаворити во денешно време во фудбалот може да постојат само на хартија. Не би рекол дека се аутсајдери, можеби само на хартија. Полесно е да играш против Италија, можеби на психолошки план, но сите натпревари се исти. Треба да уживаме во фудбалот и да ги израдуваме навивачите“, вели репрезентативецот Ѓоко Зајков.