Новата сезона во Серија А не започна според посакуваното за Елиф Елмас. Македонскиот репрезентативец кој ја освои титулата со Наполи во првите две кола од италијанското првенство не беше во прв план кај тренерот Руди Гарсија.
Францускиот стратег очигледно не го гледа Елмас како стартер во Наполи, па во првите две кола македонскиот репрезентативец одигра само 15 минути против Фрозиноне, односно осум минути во триуфмот над Сасуоло.
Италијанските медиуми веќе започнаа со шпекулации дека постои незадоволство кај Елмас и неговиот менаџер Фали Рамадани. Реномираната „Газета дело спорт“ пишува дека еден од најпознатите фудбалски менаџери во светот, Рамадани, му се заканил на газдата на Наполи, Аурелио де Ларуентис, дека Елиф нема да го продолжи договорот со италијанскиот првак.
Наполи одби 30 милиони евра од Лајпциг за Елмас, а тренерот Гарсија не му ја дава потребната минутажа. Актуелниот договор на Елмас со Наполи е до јуни 2025 година.
„Лајпциг беше подготвен да плати 30 милиони евра за Елмас, но веднаш дојде остро „не“ од Наполи. Тоа предизвика револт кај моќниот македонски менаџер, кој се закани дека нема да го продолжи договорот со Наполи, кој истекува во јуни 2025 година“, стои во пишувањата на италијанските медиуми.