Лидс и Арсенал се приклучија на полициската истрага околу заканите кон Езѓан Алиоски, македонскиот репрезентативец, и напаѓачот на Топчиите, Николас Пепе.
Овие закани, пред сè на социјалните мрежи, следуваа по инцидентот кој се случи вчера на „Еланд роуд“. Пепе беше исклучен од мечот откако падна на провокација на Алиоски.
„Злобните закани кон Алиоски и Николас Пепе, играчот на Арсенал, по вчерашниот натпревар нема да бидат толерирани од нашиот клуб. Ќе работиме заедно со полицијата и фудбалските власи за да се најдат виновниците“, стои во соопштението на Лидс, а идентичен став имаше и од таборот на Арсенал.