Замената за Годин стигна на „Ванда Метрополитано“

Атлетико Мадрид го официјализираше трансферот на дефанзивецот Фелипе од Порто. За услугите на триесетгодишниот Бразилец Јорганџиите потрошија 20 милиони евра, а на „Ванда Метрополитано“ ќе игра во наредните три години. Од таборот на Атлетико потврдија дека Фелипе утре ќе се појави пред медиумите.

Фелипе претставува замена за сега веќе екскапитенот Диего Годин, кој замина од Мадрид по девет години и потпиша за Интер. Бразилскиот дефанзивец ќе има тешка задача да ја пополни празнината која ја остави Уругваецот, но Чоло Симеоне е мајстор за одбрана, така што ќе успее да го извади најдоброто од новиот член на Атлетико.

Бразилскиот стопер во трите сезони како играч на Порто еднаш стана португалски првак, а претходно освои и неколку трофеи во родниот Бразил како член на Коринтијанс. Фелипе минатата сезона беше еден од најдобрите дефанзивци во португалската лига, а со него Порто успеа во 18 наврати да ја сочува празна мрежата. За Змејовите настапи вкупно на 142 натпревари, од кои 27 се во Лигата на шампионите.

 

- Оглас -

Најнови вести