Најдобриот македонски кошаркар во моментов, Ненад Димитријевиќ, речиси дека сигурно во следната сезона ќе настапува за некој клуб од Евролигата.
Димитријевиќ имаше одлична сезона со Уникс Казан и беше прогласен за најкорисен играч во ВТБ-лигата, па интерес за него има од неколку евролигаши, во прв ред Партизан, Баерн Минхен и Фенербахче.
Нено не крие дека е фан на Партизан и дека еден ден би сакал да го носи дресот на овој белградски клуб, но финансиски понудите од некои други клубови се побогати.
Партизан летово речиси сигурно ќе остане без капитенот Кевин Пантер (се зборува дека прифатил понуда од Барселона), кој игра на бековската позиција, а Димитријевиќ е една од варијантите за пополнување на таа празнина во составот на Жељко Обрадовиќ.