Започна големата акција на ФК Вардар, членската карта чини 1.000 денари!

Вечерва точно во 19.47 часот симболично (ФК Вардар е формиран во 1947 година) започна големата акција за продажба на членски карти со кои ќе може да се проследат сите домашни натпревари на ФК Вардар за сезоната 2023/24.

„Продажбата ќе ја спроведеме во соработка со ‘Пасворд продукција’, преку платформата ‘МК Тикетс’, со кои успешно ја реализиравме акцијата ‘Купи билет за спас на ФК Вардар.’ Сега е време, за нешто многу поголемо!

Членските карти ќе чинат 1.000 денари и ќе може да се купат онлајн и во живо. Онлајн, преку страницата на МК Тикетс, каде што откако ќе ги наведете потребните информации (Име и презиме, и e mail адреса), ќе ви биде издадена потврда – ваучер. Тој ваучер ќе може да го замените со пластифицирана членска картичка веднаш откако тие ќе бидат изготвени.

Покрај онлајн продажбата, ќе постои и опција за купување во живо. Имено, на сите продажни места на ‘МК Тикетс’, ќе имате можност да го купите ваучерот, кој подоцна ќе може да го замените со пластифицирана членска карта.

Времето и местото од каде што ќе може да ги подигнете членските карти, ќе ги објавиме наскоро!

Акцијата, како и претходната, ќе биде спроведена целосно транспарентно. Преку редовни соопштенија и прес-конференции, на јавноста секојдневно ќе ѝ го презентираме текот на акцијата. Искреноста и чесноста се наш принцип, а преку оваа акција уште еднаш тоа ќе го покажеме на дело!

Комити, Вардарци, симпатизери на црвено – црната гордост,

Во овој момент, клубот е целосно во наши раце, а со тоа и неговата судбина. Успехот на оваа акција, значи сигурна иднина за ФК Вардар и почеток на една здрава, успешна спортска приказна, која заедно со сите Вас сакаме да ја изградиме.

Ти којшто ого читаш ова, запомни дека ти си Вардар, нема никој друг. Затоа, приклучи се, купи членска карта и дај го својот придонес во заедничката борба. За подобри денови, за многу нови победи и титули, за нашиот Вардар!

За крај, јасно сакаме да потенцираме дека, единствената цел на акцијата ќе биде – прилив на финансиски средства за нормално функционирање на ФК Вардар!

Полниот стадион, на првиот домашен натпревар во сезоната 2023/24 нека биде јасна порака дека Вардар ќе живее воден од своето најсилно оружје – народот!

Во прилог, ви ги презентираме сите продажни места на МК Тикетс:

LITERATURA.MK – EAST GATE MALL

LITERATURA.MK – VERO JUMBO

LITERATURA.MK – ГТЦ ПРИЗЕМЈЕ

LITERATURA.MK – Ул. Македонија

LITERATURA.MK – ТЦ БУЊАКОВЕЦ

LITERATURA.MK – SKOPJE CITY MALL

ЈУГОТОН – ГТЦ 1 кат

ЈК Травел, ТЦ Бисер – Аеродром

Макпетрол Козле

Макпетрол Илинденска

Макпетрол Влае

Ова е линк, кој директно ве носи на страницата на ‘МК Тикетс5, каде што онлајн ќе може да си обезбедите ваучер:

https://www.karti.com.mk/etickets/TicketList.aspx…

СИТЕ ЗАЕДНО – ЗА ВАРДАР НАШ!“, стои во соопштението на Црвено-црните.

 

- Оглас -

Најнови вести