Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги информира навивачите дека започна продажбата на билети за квалификацискиот натпревар за Светското првенство 2026, кој ќе се одигра на 18-ти ноември во Кардиф, помеѓу репрезентациите на Велс и Македонија.
За македонските навивачи според правилата на УЕФА се издвоени близу 1.500 билети во секторот наменет за гостински навивачи. Цената на влезница, утврдена од Фудбалската асоцијација на Велс, изнесува 2.800 денари.
Купувањето на билетите ќе се одвива преку официјалната платформа на ФФМ, eticket.ffm.mk.
Целата постапка за купување и преземање на билетите за натпреварот Велс – Македонија е детално објаснета на линкот подолу. Истите информации се достапни и на платформата на ФФМ за продажба на билети.
Инаку на денешната седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија беше донесена одлука цената на влезниците за претстојниот пријателски меч со Летонија на 13-ти ноември да биде 300 и 200 денари за северната и јужната трибина на Националната арена „Тодор Проески“.
ФФМ ќе им овозможи бесплатен влез на младите фудбалери придружувани од своите тренери од Детска лига, фудбалските школи од регионалните лиги и сите млади категории (пионери, помлади пионери, кадети, младинци) во клубовите во системот на натпреварување на ФФМ.

