Александер Зверев беше на чекор од освојување на првиот Грен слем турнир во кариерата, но пред неполн месец по голема борба со 3:2 во сетови загуби во финалето од Доминик Тим. Германскиот тенисер сега е оптимист дека ќе стигне далеку и на Ролан Гарос, кој започна денеска.
Во првото коло Зверев за противник го има Денис Новак, а за Германецот ова ќе биде прв меч по драматичното финале во Њујорк. Новак кој е на 91 место на АТП листата, прв пат се избори за место во главниот дел од турнирот и дебитира на Ролан Гарос. Ова ќе биде нивни прв меѓусебен дуел.
Денеска на програмата има 20-тина меча, а од фаворитите, првото коло без проблем треба да го поминат Вавринка, Чориќ, Иснер, Кепфер, Шварцман и Нишикори. Првите фаворити на турнирот, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал утре ќе стартуваат на земјените терени во Париз.