Младинската репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година денес ги започнува подготовките за ноемврискиот прозорец, во кој нè очекуваат два натпревари, квалификациски против Грузија на домашен терен и пријателски против Австрија на гости.
Селекцијата предводена од селекторот Драги Канатларовски денес ќе го има официјалниот старт на подготовките, а еден од клучните играчи од средниот ред, Хамза Рамани, е оптимистички расположен и најавува добри игри и победи.
„Одлично ги стартувавме овие квалификации, одигравме фантастичен меч против еден од фаворитите во групата, селекцијата на Шведска. Натпревар во кој успеавме да победиме и да освоиме три бода на многу тежок терен. Во второто коло на домашен терен загубивме од Холандија, но одигравме на ниво и можеме да жалиме за големите прилики што не успеавме да ги искористиме. На мечот со Молдавија, тргнавме со голема доверба и од стартот верувавме дека ќе ги освоиме сите три бода, но се случи спротивното, направивме многу грешки со кои практично им ја поклонивме победата. Мечот со Грузија од квалификациите за нас е од голема важност. Треба да бидеме максимално фокусирани и посветени во текот на сите деведесет минути, да оставиме срце на терен. Само така можеме да се надеваме на позитивен резултат. По негативниот резултат со Молдавија, се надевам дека веќе на следниот меч ќе се вратиме на победите и играта која не красеше на првите два натпревари. Се надевам и верувам дека ќе успееме да излеземе како победници на дуелот со Грузија“, вели фудбалерот на Шкупи, Хамза Рамани.
Натпреварот против Грузија се игра на 16 ноември на теренот на ФФМ со почеток во 13 часот, додека пријателскиот натпревар против Австрија ќе се одигра пет дена покасно во Риед.