Екипите на МЗТ Скопје и Пелистер втора година по ред ќе играат во финале од кошаркарскиот плеј-оф на Македонија. Минатата сезона тимот од скопски Аеродром стигна до трофејот откако ја доби серијата со 3-1, а таа победа што ја забележа Пелистер на вториот натпревар одигран во Битола е и последна во меѓусебните натпревари.
Потоа следуваа две победи на МЗТ Скопје за конечни 3-1 во серијата, но и две победи во регуларниот дел од првенството оваа сезона. Токму поради сето ова скопјани се апсолутни фаворити и на денешниот дуел според квотите во Sport Life.
– “Чест да се игра во финалето кое треба да биде кулминација на сѐ што направивме сезонава. Пред нас е серија против добро познат противник, против кого изминативе години игравме многу неизвесни средби и кого не смееме да го потцениме. Играме добро, но мал проблем ни е преголемата пауза по завршувањето на полуфиналето со Работнички, што секако нема да биде причина да не одиграме најдобро што знаеме. Домашниот терен носи значајна предност, а улогата бранител на титулата е обврска да се даде сѐ од себе. Очекувам голема поддршка од трибините и победнички старт на финалната серија, со што ќе го најавиме освојувањето на јубилејната десетта титула.“ – изјави тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов.
Плеј-оф серијата се игра до три победи, односно подобар од пет натпревари, а првите два ќе се одиграат денес и в среда во СЦ Јане Сандански во Скопје.