Започнува Отвореното првенство на САД, фановите посакуваат финале Ѓоковиќ – Алкарас

Денеска започнува последниот годинешен гренслем турнир, Отвореното првенство на САД, на кој во фокусот ќе биде Новак Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер минатата година не настапи на САД опен, бидејќи не беше вакциниран против коронавирусот, но во април годинава, Белата куќа ја укина одлуката за задолжителна вакцинација за влез во земјата, и му го отвори патот на Ѓоковиќ да настапи на терените на „Флешинг Медоус“.

Новак во Њујорк освои три од вкупно 23 гренслем трофеи во кариерата, но изминатите години односот на публиката кон него се менуваше. Еден период, кога го победуваше Рожер Федерер, публиката го сметаше за непријател, но неговото пристигнување во САД летово, ги натера дури и медиумите да го сменат наративот.

Во времето на пандемијата на коронавирусот, медиумите во САД редовно го напаѓаа Ѓоковиќ како противник на вакцинацијата, но српскиот тенисер беше истраен во своите намери и верувања, и на настапот на мастерсот во Синсинати пред две недели, тој беше дочекан од фановите со овации. Неговите тренинзи во Њујорк ги следат илјадници фанови кои со овации го поздравуваат Ѓоковиќ.

Фановите сега се надеваат дека ќе бидат сведоци на спектакл и финале меѓу Ѓоковиќ и Карлос Алкарас. Токму овие двајца тенисери одиграа спектакуларен меч во финалето на Вимблдон, кој му припадна на младиот Шпанец.

Алкарас е бранител на трофејот и ќе се обиде за првпат по 15 години да го одбрани насловот. Последен кој такво нешто направил на Отвореното првенство на САД е Рожер Федерер во 2008 година.

Доколку Алкарас и Ѓоковиќ се сретнат во финалето, тоа ќе биде нивен четврти меч годинава, а засега води Новак со 2-1 во победи.

Кај дамите, првата светска тенисерка, Ига Швјонтек, одбраната на титулата ќе ја започне вечерва и тоа против Швеѓанката Ребека Петерсон, додека втората носителка, Арина Сабаленка ќе игра против Марина Заневска од Белгија.

- Оглас -

Најнови вести