Со денешните четвртфинални натпревари, започнува завршниот турнир во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, кој по пауза од 17 години ќе се игра во Битола.
Во завршната битка останаа осум екипи, а трофејот од минатата година ќе го брани МЗТ Скопје.
Токму бранителот на трофејот ќе истрча прв на паркетот во салата „Боро Чурлески“. МЗТ Скопје во првото четвртфинале ќе игра против Гостивар и е апсолутен фаворит за победа (1.03).
„Се надевам на убава атмосфера, ферплеј и наша победа на крајот. Гостивар двапати го победивме оваа сезона, но тоа ништо не значи иако влегуваме како фаворити во ова натпреварување“, смета Марко Миловановиќ.
Во вториот меч, дебитантот на завршниот турнир, Чаир 2030, ќе игра против Еуро Никел 2005 и квотите се на негова страна.
Од 17 часот ќе играат Работнички и ТФТ и тука квотите го фаворизираат тимот од Градски парк (1.27), кој тоа мора да го оправда и на паркетот.
„За противник во четвртфиналето имаме познат тим со кого веќе игравме двапати во првенството. Двапати победивме, но тоа ништо не значи на вакви натпреварувања во кои секогаш се можни изненадувања и сите се со исти амбиции“, размислува играчот на Работнички, Андеј Шошкиќ.
Во последното четвртфинале ќе игра организаторот на турнирот Пелистер против Феникс 2010.
„Овде сите се многу скромни со изјавите. Јас нема да бидам таков, очекувам многу повеќе и сигурен сум дека Пелистер ќе го игра натпреварот в сабота“, вели бекот на Пелистер, Александар Костовски.
Полуфиналните натпревари ќе се играат утре од 17 и од 19.30 часот, додека финалето е закажано за в сабота од 18 часот.