Седумкратниот шампион на Франција, екипата на Лион, од многумина беше прежален на стартот од сезоната, откако имаше катастрофални резултати и беше закован на дното на табелата. Сепак, Лион со три победи на последните три натпревари успеа да излезе од опасната зона, а планот е на пролет да заплови и во помирни води.
За таа цел, раководството на клубот подготвува 50 милиони евра за трансфери, а планот е да бидат купени четворица фудбалери. Прв на списокот со желби е фудбалерот на Милан, Раде Круниќ. Моменталната вредност на босанскиот интернационалец е 8.5 милиони евра.
Една од желбите е францускиот интернационалец во дресот на Астон вила, Клемент Ленгле, чија вредност во моментов е осум милиони евра. Поранешниот француски шампион планира да потроши и 22 милиони евра за репрезентативецот на Алжир, Саид Бенрахма, кој во моментов настапува за Вест хем.
Најефтин од сите четворица е белгиецот Рамазани, кој вреди шест милиони евра, а во моментов настапува за екипата на Алмерија во шпанската Ла Лига.
Лион владееше во францускиот фудбал од 2002-рата до 2008-мата година, кога освои седум титули по ред.

