Со двата гола против Келн, младиот норвешки фудбалер Ерлинг Халанд, сега има пет погодоци во дресот на Борусија Дортмунд, и тие пет гола ги даде за само 59 минути игра. Во просек, Халанд дава гол на секои речиси 12 минути на терен, што е брутална статистика. Ако продолжи да игра вака, тогаш на меч на кој би настапил во сите 90 минути, ќе даде 8 гола!
Халанд зимава од Салцбург се пресели во Борусија Дортмунд, а за него сериозен интерес имаше и од Манчестер јунајтед. На Црвените ѓаволи очајно им треба една ваква гол-машина.
Ако се гледаат само мечевите во 2020 година, Манчестер има 4 гола за 360 минути игра, а Халанд сам има 5 гола за 59 минути. Разликата е очигледна. Халанд сите го остава без текст, стана првиот кој дал пет гола на првите два меча во некој прволигаш од топ лигите, а есеноска постави и неколку рекорди во Лигата на шампионите кога истотака дебитираше со хет-трик и погодуваше на првите пет меча во групната фаза.