Затоа се светски прваци: Аргентина во последните три и пол години во 43 меча загубија само од С. Арабија!

Аргентина не случајно е светски фудбалски првак, а тоа го потврдуваат и резултатите на јужноамериканскиот гигант. Популарните Гаучоси ги газат сите противници, па во последните речиси три и пол години одиграа дури 43 натпревари, а загубија само еднаш, и тоа од Саудиска Арабија во првото коло на Светското првенство.

Во јули 2019 година Аргентина загуби од Бразил во полуфиналето на Копа Америка и остана без титулата, но по тој неуспех, Гаучосите почнуваат неверојатна низа. Стартувајќи од мечот за третото место, кога Аргентина на 6 јули 2019 година славеше над Чиле, следуваше низа од 36 натпревари во кои Меси и дружината немаа пораз.

Со 26 победи и 10 нерешени Аргентинците пристигнаа во Катар и им требаше само уште еден дуел да останат непоразени за да го израмнат светскиот рекорд на Италија, која 37 средби немала пораз во периодот од 2018 до 2021 година.

Аргентина во првото коло на Мундијалот во Катар за противник ја имаше Саудиска Арабија и на полувреме водеше со 1:0, па сите очекуваа дека Гаучосите ќе го израмнат рекордот на Италија. Сепак, Саудиска Арабија со чудесен пресврт во второто полувреме стигна до 2:1 и ја победи Аргентина, прекинувајќи им ја низата од 36 средби без пораз.

По тој пораз од Саудиска Арабија, Аргентина не влезе во лош ритам. Следуваа победи над Мексико (2:0), Полска (2:0), Австралија (2:1), реми со Холандија (2:2, па победа на пенали), триумф од 3:0 над Хрватска и вчера победа на пенали против Франција за освојување на светската круна.

 

- Оглас -

Најнови вести