Манчестер сити ја прекина ужасната серија од седум меча без победа во сите натпреварувања (шест порази и едно реми) откако со 3:0 славеше над Нотингам форест во дуел од 14-тото коло на Премиер лигата. Повеќе од еден месец англискиот тим немаше радост, беше во низа од четири порази во првенството, но сега конечно победи.
Бернардо Силва и Кевин де Бројне погодија уште во првото полувреме за сигурна предност од 2:0, а потоа Доку го потврди триумфот со погодок во 51-вата минута.
За разлика од Сити, овојпат киксираше Ливерпул. Лидерот на табелата гостуваше кај Њукасл во меч на којшто имаше многу пресврти, а на крајот заврши 3:3. Њукасл водеше со 1:0 и 2:1, а потоа Ливерпул стигна до водство од 3:2 во 83-тата минута. Сепак, тука не беше крајот затоа што Њукасл со голот на Шар во 90-тата минута стигна до 3:3 и освои бод против фаворитот.
Евертон беше убедлив и со 4:0 славеше над Вулверхемптон, додека Челзи немаше милост против Саутхемптон и како гостин победи со убедливи 5:1.