Автономната територија на Кралството Данска, Гренланд, го доби својот нов фудбалски шампион. Екипата на Б-67 од главниот град на островот, Нук, по 14-ти пат е шампион на најкраткото првенство.
Поради лошата инфраструктура на најголемиот остров во светот, но и поради временските услови на Гренланд, првенството траеше само шест дена.
Шест екипи како најдобри од своите региони се натпреваруваа во главниот град, а најдобрите две се пласираа во финалето. Б-67 во финалето го совлада Г-44 со убедливи 5-0, иако по регуларниот дел завршија како втори на табелата.
Интересно, две од екипите кои требаше да играат на завршницата не успеаја да најдат начин да стигнат до Нук бидејќи на островот нема патишта кои ги поврзуваат градовите, а единствениот начин за патување е со авион или со брод. Фудбалската федерација на Гренланд мораше веднаш да пронајде замена, и тоа по принципот – кој може да допатува.