Заврши прекрасната серија на Калин Ивановски, во драматичен меч подобар беше Израелецот Цукерман

Израелецот Даниел Цукерман ја прекина убавата серија од 7 победи на македонскиот тенисер Калин Ивановски и ќе игра во полуфиналето на ИТФ турнирот во Ерусалим.

Цукерман е четврти носител на тутнирот со награден фонд од 25 илјади долари, а денеска во неизвесен меч беше подобар со 6:4, 7:6 (6) од најдобриот македонски тенисер.

Клучната предност во првиот сет што го доби со 6:4 четвртиот носител на турнирот ја направи во финишот, кога со брејк во 10-тиот гем го доби и сетот за предност од 1:0.

Во вториот сет Ивановски имаше негатива од 2:4 во гемови, а потоа направи брејк и си ги разбуди надежите за подвиг и пресврт.

Калин си го одбрани и сервисот и израмни на 4:4 по голема битка, а спаси неколку брејк топки, откако имаше негатива од 0:40.

Драмата во вториот сет кулминираше откако македонскиот тенисер направи уште еден брејк и поведе со 5:4, а кога сервираше за 1:1 не успеа да искористи една сет топка.

Поискусниот тенисер од Израел во долг гем беше поснаодлив и пак израмни, сега на 5:5.

На возбудувањата како да им немаше крај, па се играше поен за поен и во 11-та игра од вториот сет и повторно повеќе нерви и среќа имаше четвртиот носител.

Поведе со 6:5, а потоа со сигурна игра Калин израмни и се избори за тај-брејк.

Цукерман од старт тргна подобро поведе со 2:0 во поени и со 3:1, но Калин пак покажа карактер и не се предаде.

Израмни на 3:3 и на 4:4, а потоа и поведе со 5:4 за шанса со два свои сервиси да израмни на 1:1 во сетови.

Во клучни моменти 9 години постариот тенисер од Израел реагираше поискусно, пак направи брејк за 5:5, а Калин возврати со поен за 6:5 и имаше нова сет топка.

Македонскиот тенисер не успеа, Цукерман повторно израмни и од 6:6 кулминираше драмата во Ерусалим, а домашните љубители на тенисот се радуваа на победа на Цукерман.

Тој ги доби следните два поени за 8:6 во тај-брејкот и конечна победа од 6:4 и 7:6 (6).

И пласманот во четвртфиналето за Ивановски е успех во низата одлични резултати во октомври и на почетокот на ноември.

Минатиот викенд беше победник на ИТФ турнирот во Ираклион на Крит, а и во Ерусалим мина две кола со одличен настап и денеска против четврторангираниот носител од Израел.

 

- Оглас -

Најнови вести