Заврши првенството на Македонија: Струга го крена пехарот, Шкендија обезбеди пласман во фудбалска Европа

Со натпреварите од 33-тото коло и официјално заврши Првата македонска фудбалска лига, барем оној лигашкиот дел, со оглед на тоа дека допрва треба да се одиграат финалето на Купот и бараж натпреварите.

Старо-новиот шампион на Македонија, Струга, со пораз на домашен терен го заврши првенството, откако фудбалерите на Шкупи победија со 1-2 крај Охридското езеро. Фудбалерите на Шкендија со победа на гости кај Работнички од 0-2 ја решија единствената непознаница во последното коло, а тоа беше која екипа ќе патува во квалификациите за Конференциската лига преку првенството.

Дуелите во Штип, Маџари и Охрид завршија без победник, додека најефикасниот натпревар денес го одиграа екипите на Брера и Македонија ЃП, меч кој им припадна на домашните со 5-3, откако имаа негатива на полувремето од 1-2.

Резултати:

Брегалница – Силекс 1-1
Брера – Македонија ЃП 5-3
Работнички – Шкендија 0-2
Струга – Шкупи 1-2
Вардар – Тиквеш 2-2
Воска – Гостивар 1-1

Струга ќе учествува во квалификациите за Лигата на шампионите, Шкендија во квалификациите за Конференциската лига, Вардар ќе игра против Детонит Плачковица во баражот за опстанок, додека Македонија ЃП и Брегалница испаѓаат во Втората лига.

- Оглас -

Најнови вести