Македонската фудбалска репрезентација загуби од Саудиска Арабија во контролен меч кој се одигра во Прага, Чешка. Иако се работи за пријателски меч, Македонија со овој резултат ја прекина низата од 10 дуели без пораз. Нашата репрезентација немаше загубено од 10 јуни минатата година, и тоа беше од Чешка со 2:1.
Селекторот Благоја Милевски реши да комбинира со составот за овој дуел, па меѓу стартерите ги немаше Барди, Елмас, Миовски, Чурлинов, Зајков…
Во првото полувреме, Саудиска Арабија имаше две третини посед на топката и многу повеќе се обидуваше да го загрози голот на Столе Димитриевски. Сепак, Македонија беше таа која прва постигна гол.
Се играше 40-тата минута кога Деспотовски центрираше, а искусниот Александар Трајковски даде фантастичен гол за водство на Македонија од 1:0. Сепак, кратко траеше радоста на Македонија.
Во 45-тата минута Саудиска Арабија израмни. По една грешка на потесната одбрана на Македонија, Ал Бураикан погоди за 1:1 на полувреме.
Во второто полувреме во составот на Македонија влегоа Елмас, Барди, Илиевски, Ќамили, дебитантот Растодер и Костадинов. Сепак, наместо да одиме на победа, Макеоднија прими гол во 78-мата минута.
Ал Хамдан со прекрасен шут од далечина го матира Димитриевски за 2:1, што на крајот се покажа како конечен резултат.