Жестока казна за пример, Ридигер доби суспензија од шест меча!

Фудбалерите на Реал Мадрид, Антонио Ридигер и Лукас Васкес, ги дознаа казните за црвените картони во финалето на Купот против Барселона.

Ридигер кој направи инцидент и фрли шише со мраз кон судијата Де Бургос Бенгоечеа, е казнет со забрана за настап на шест меча. До крајот на сезонава во Ла Лига има уште пет кола, а Германецот кој и онака е повреден и не може да игра на овие мечеви, ќе го пропушти и стартот на следната сезона.

Лукас Васкес доби суспензија од два меча, и ќе ги одработи во првите кола од Купот следната сезона, кога можеби и нема веќе да биде играч на Реал. Црвен картон по завршувањето на мечот доби и Џуд Белингам, но тој е ослободен и не доби казна.

Во моментов во аут се Едер Милитао, Даниел Карвахал, Антонио Ридигер и Ферлан Менди, целта на Реал е некој од нив да се врати за Светското клупско првенство кое почнува во средината на јуни, но маките на тренерот Карло Анчелоти ќе бидат големи на последните мечеви од шпанската лига.

Денеска е објавено дека Антонио Ридигер имал операција по која му претстои пауза од 6-8 недели, а повредата на Менди ќе го оддалечи од терените во времетраење од 10-12 недели.

Анчелоти кој ќе го води Реал до крајот на сезонава, а потоа си оди, ќе мора на претстојните средби да користи младинци и играчи од вториот тим на Реал. Прв пик е Хакобо Рамон кој требаше да биде во првиот тим, но и тој имаше тешка повреда по која се врати неодамна, а тоа го искористи Раул Асенсио кој се стабилизираше во срцето на одбраната.

- Оглас -

Најнови вести