Летниот трансфер-период во најсилните европски првенства заврши и сега клубовите може да се фокусираат на екипите кои ги составија и да се борат без никакви измени, барем до почетокот на 2023 година.
Неколку стотици трансфери беа направени во најсилните лиги во Европа, а посебно ќе се памтат најскапите. Како најскап трансфер за ова лето е доаѓањето на Бразилецот Антони во Манчестер јунајтед од тимот на Ајакс. Црвените ѓаволи за офанзивниот играч издвоија 95 милиони евра, а трансферот беше комплетиран во последниот ден од преодниот рок.
Втор најскап трансфер е оној на Весли Форфан од Лестер во Челзи, кој чинеше 80,5 милиони евра.
Актуелниот шпански и европски првак Реал Мадрид го доведе Аурелин Чуамени од Монако, а Кралевите издвоија точно 80 милиони евра за овој трансфер. Многу бура крена трансферот на Дарвин Нуњес од Бенфика во Ливерпул. Официјално Ливерпул плати 75 милиони евра за доведувањето на голгетерот.
Реал Мадрид трошеше пари, но и заработи добро, и тоа од продажбата на Каземиро во Манчестер јунајтед. Овој трансфер на Бразилецот на „Олд Трафорд“ чинеше 70,65 милиони евра.
Листата на најскапи трансфери за ова лето ја затвора Александер Исак, за кого Њукасл исплати точно 70 милиони евра за да го доведе од Реал Сосиедад. Сите останати направени трансфери се со помала вредност.
Според оваа листа јасно се гледа дека Манчестер јунајтед предничи и во Топ 5 најскапи трансфери има двајца играчи. Црвените ѓаволи за Бразилците Антони и Каземиро вкупно платија 165,65 милиони евра.