Бен Ми со автогол и Кјеран Кларк со голови во раната фаза од мечот му донесоа победа на Њукасл против Барнли од 2-1 и ја прекинаа црната серија од 10 порази по ред кога тимот играл во понеделник навечер.
Њукасл го надигра Барнли и го освои десеттиот бод од 12 можни во последните четири кола. Ми си постигна ефектен автогол во четвртата минута, а Кларк најави сигурен триумф на гостите со погодок во 23-тата минута.
Домаќините по пауза од половина век, сезонава играа квалификации за настап во Лигата на Европа и заморот се почуствува во нивната игра. Имаа сили само за почесен погодок, го постигна Сем Воукс во 40-тата минута, но поразот не можеше да се избегне.
Со три победи по ред, Њукасл побегна од дното на табелата и сега е 13-ти со 12 бодови. Барнли има три помалку и е само една позиција над опасната зона за испаѓање од Премиер лигата.