Збогум за најуспешната деценија на мак-фудбалот – 2017 нека се повторува почесто

Изминува третата деценија како се игра фудбал во самостојна Македонија, а оваа декада е најуспешна досега со два блескави моменти и двата во 2017 година.

Историја најпрво испишаа младинците со неверојатен подвиг и пласман на Европското првенство во силна конкуренција. Избраниците на Благоја Милевски конечно покажаа како се игра фудбал во дресот со национални симболи и успеаја да приредат фантастичен подвиг.

Во квалификациската група ривали ни беа Франција, веројатно и најскапата млада селекција на светот во тој момент со играчи од калибарот на Дембеле, Лемар, Кимпембе, Толисо, Халер, Рабио, Павард…. Моќни беа триколорите, но на крајот и гледаа в грб на невериојатната дружина со која командуваше Милевски.

Последниот меч беше вистинско незаборавно фудбалско шоу на Наципналната арена во Скопје. Пред повеќе од 25 илјади гледачи во празничниот 11. октомври 2016 година ја победивме Шкотска со 2:0, а помош стаса и од Украина.

Украинците го победија Исланд со 4:2, за ерупција од радост во Македонија и прв пласман на наша селекција на Европско првенство.

Во Полска игравме во групата на „смртта“ со Шпанија, Португалија и Србија. И во таква конкуренција, јунаците македонски покажаа квалитет, иако загубивме од Шпанците и Португалците, а ремизиравме со Србија.

Барди, Николов, Велковски, Радески, Бејтулаи и сите што настапија во квалификациите и во Полска, заедно со македонските фудбалски вљубеници засекогаш ќе го паметат неверојатниот поход на младинците до историското ЕП.

Веднаш по настапот на младинците во Полска, истото лето подвизи приредуваше и нашиот најтрофеен клуб Вардар. Одисејата почна со квалификации во Лигата на шампионите, а заврши со историски настап за македонска екипа во Европа Лигата.

Прв на патотот до историјата падна Малме во двомеч од второто квалификациско коло во ЛШ. Во Струмица Вардар победи со 3:1, откако претходно во Шведска нашиот шампион одигра нерешено, 1:1.

Во третото коло во Скопје беше победен Копенхаген со 1:0, но златната шанса да се стаса до плејоф беше пропуштена на гостински терен. Вардар со играч повеќе не успеа да издржи и по поразот од 1:4 се пресели во филтер рундата за настап во Европа Лигата.

Црвено-црните во плејофот го урнаа турскиот гигант Фенербахче со две победи, дома со 2:0 и на гости со 2:1 и станаа првата екипа од Македонија што обезбеди настап во фаза по групи во едно од двете најважни клупски натпреварувања во Европа.

Во група со Реал Сосиедад, Зенит и Розенборг нашиот шампион освои еден бод и беше последен на табелата, но првото учество во фаза по групи ќе остане запишано како историско и за Вардар и за македонскиот фудбал.

 

- Оглас -

Најнови вести