Аргентинскиот репрезентативец и член на ПСЖ, Лионел Меси смета дека актуелниот тренер на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, му нанел огромна штета на фудбалот бидејќи поголем број на клубови и тренери се обидувале да го копираат неговиот стил на игра.
Меси и Гвардиола заедно работеа четири години (2008-2012) во Барселона и освоија две титули во Лигата на шампионите.
„Гвардиола му нанесе голема штета на фудбалот бидејќи постоеше чувство дека тоа што го правевме во Барселона со него како тренер е едноставно и сите сакаа да го копираат. Откако Пеп си замина од Барселона, во многу клубови видов обиди да го копираат, но…“ , изјави Меси.
Гвардиола по заминувањето од Барселона, седеше на клупата на Баерн Минхен, а од 2016 година го предводи Манчестер сити.
„Немам никакви сомнежи дека Гвардиола има оригинален поглед на фудбалот, посебно во подготовката за натпреварите и способноста да ги пренесе своите идеи“, вели Меси.