Лука Модриќ, некогашниот освојувач на Златната топка, илјадници пати низ кариерата покажал дека е голем фудбалер, но Хрватот покажа дека е и голем човек, а тоа најдобо го знае бразилскиот репрезентативец Родриго.
Модриќ и Родриго се соиграчи од Реал Мадрид, а токму Родриго беше еден од двајцата Бразилци што не погоди пенал во „рулетот“ од четвртфиналето. По завршувањето на мечот, Хрватите славеа, а Модриќ не заборави да ги утеши и противниците.
Родриго беше потиштен и плачеше, а кога Модриќ тоа го виде, веднаш пријде кон клупскиот соиграч. Капитенот на Хрватска, кој има 37 години, го прегрна Родриго, кој е 16 години помлад и му даде убав совет.
„Ајде, биди силен. Сè е во ред, ти си многу силен. Сите правиме грешки, ќе се вратиш ти уште посилен. Те сакам, те сакам сине. Остани силен“, беше советот на Модриќ за Родриго.