Здравствените проблеми на 80-годишниот селектор на РОманија, Мирчеа Луческу се посериозни отколку што првично се мислеше. Луческу вчера повторно беше хоспитализиран во болница во Букурешт, каде е под 24-часовен надзор.
Поради неговата состојба, романската фудбалска федерација е приморана да најде замена за селекторското место и тоа во пресрет на најважниот меч, баражот за пласман на Светско првенство 2026 година. Романија на 26 март во полуфиналето од баражот ќе игра против Турција. Победникот од тој меч ќе игра во финалната пресметка за влез на Мундијалот со подобриот од дуелот меѓу Словачка и Косово.
Романија последен пат била на Светско првенство во 1998 година.
„Со оглед на информациите што се појавија во медиумите во последните денови, а особено денес, Романската фудбалска федерација сака да разјасни неколку работи. Селекторот на романската репрезентација, г-дин Мирчеа Луческу, е хоспитализиран на медицински надзор и прима антибиотска терапија за поткожна инфекција. Неговото закрепнување напредува добро.
Нагласуваме дека никогаш не се зборувало за префрлање на г-дин Мирчеа Луческу во друга здравствена установа, ниту во земјата ниту во странство. Во овој контекст, тренерот Мирчеа Луческу вели: „Добро сум, нема причина за грижа. Ве молам останете смирени, многу работи се преувеличени. Тоа е само терапија што морам да ја поминам под надзор.“
Романската фудбалска федерација и Мирчеа Луческу им се заблагодаруваат на сите за нивниот интерес и пораките за поддршка и бараат почитување на правото на приватност“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на федерацијата.
Сепак, лекарите велат дека ситуацијата на Луческу е сериозна. Ова е трета хоспитализација на Луческу во изминатиот месец. Во понеделник, тој повторно беше итно примен во Универзитетската болница во Букурешт, овој пат на кардиолошкото одделение, каде што за него се грижи еден од врвните кардиолози во Романија, д-р Кристијан Удроиу.
„Не станува збор за компликација од настинката, поради која минатата недела беше отпуштен од болница, туку за комплексна, хронична и долготрајна болест. Состојбата на Мирчеа Луческу е сериозна, тој е под постојан надзор“, изјавија медицински извори за романските медиуми.

