Резервната голманка на Шведска, Зеќира Мушовиќ ја откри ујдурмата на судиите во ВАР собата и покажа и практично со фотографија дека направија огромна грешка кога го поништија голот на нејзината репрезентација против Швајцарија.
„Нашиот гол беше поништен поради офсајд, но офсајд линијата е повлечена на погрешната страна од топката. Значи имаме ВАР соба што е смислена како поддршка за главниот судија, но тие не ги знаат правилата. Ова е смешно“, напиша Мушовиќ на Твитер, објавувајќи ја фотографијата што официјално ја презентираа од ВАР собата како причина за поништениот трет гол на Шведска.
https://twitter.com/ZeciraMusovic/status/1547585805513740294?s=20&t=YFS7enPD1Kxwb2nbDpJ5Kw
Се бунеа и Швајцарките за два недосудени пенали и отсуство на реакција од ВАР собата, па поплаки има и од двете страни за вчерашниот меч од второто коло во фазата по групи на Европското првенство за жени.
Шведска победи со 2:1 и заедно со Холандија е на делба на првото место во Ц групата со по 4 бода.
Швајцарија и Португалија имаат по еден бод пред стартот на последното коло во групата.
Шведска ќе игра со Португалија, а им одговара и реми за пласман понатаму, исто како и на Холандија на последниот меч од групата што ќе го играат со Швајцарките.