Земјотрес во најава во НБА: Јанис не сака да го продолжи договорот со Милвоки ако не му се исполнат одредени услови

Челниците и навивачите на Милвоки бакс се во паника, бидејќи првата ѕвезда на тимот и еден од најдобри кошаркари на денешницата, Јанис Адетокумбо, изјави дека нема да го продолжи договорот доколку не се исполнат одредени услови.

Адетокумбо кој во 2021 година го предводеше Милвоки до шампионската титула, им се закани на челниците на тимот дека нема да потпише нов договор ако не го уверат дека сакаат да се борат за титулата.

„ Ако ги погледнете бројките нема смисол да потпишувам нов договор. За двете страни повеќе смисол би имало такво нешто да се случи идното лето. Не би бил најдобрата верзија од себе си ако не знам дека сите размислуваат како мене, дека сите сакаат да ја освоиме титулата, дека сите ќе го жртвуваат своето време со семејствата како што правам јас. Ако не го почувствувам тоа, не потпишувам ништо“, изјави Адетокумбо.

Јанис сезонава ќе влезе во третата година од актуелниот петгодишен договор вреден 228 милиони долари кој овозможува опција за продолжување на дополнителна една сезона доколку тоа го сака кошаркарот.

Според правилата на НБА-лигата, Милвоки до 22-ри септември може да му понуди нов договор на три години вреден 173 милиони долари.

„На крајот на краиштата, чувствувам дека сите мои соиграчи и сите луѓе во клубот знаат дека сакам да ја освојам титулата. Покажете му дека сите размислуваме идентично и одиме да ја освоиме титулата“, додаде Јанис.

- Оглас -

Најнови вести