Некогашниот италијански репрезентативен голман, славниот Валтер Ѕенга, смета дека кога Џиџи Донарума е меѓу стативите, голот на Аѕурите изгледа „помал“.
„Зомер можеби не е спектакуларен, но ефикасен е и корисен. Тој ја нема истата физичка структура како Донарума, но тоа не е проблем, напротив, тоа му овозможува подобро да прави одредени работи. Но, кога ќе се соочите со Џиџи, можеби ќе помислите: ‚Зошто голот е помал?’ Зомер го достигна својот врв. За разлика од Донарума, мислам дека кај него веќе нема многу простор за напредок, но на сите тренери им се допаѓа затоа што е константен“, ги анализираше Ѕенга голманите на Италија и Швајцарија, селекции кои ќе играат една против друга во осминафиналето на ЕВРО 2024.
Многу навивачи не сакаа Донарума да биде стартер на Италија на Европското првенство, но се покажа дека е еден од најдобрите поединци. Ѕенга беше прашан за мислење дали ќе имаат предност Аѕурите ако има пенали против Швајцарија?
„Ниту Зомер не е лош, но Италија секако може да има психолошка предност бидејќи секој што ќе треба да изведе пеналот за Швајцарија ќе помисли: „Каде да шутнам сега?“, смета Ѕенга.