Згасна телевизијата која ги пренесуваше историските победи на Македонија против Италија и Германија (Видео)

По 19 години успешна работа, престанува да постои регионалната спортска телевизија „Спорт клуб“. Како што е веќе познато, со продажбата на српската компанија СББ, сите спортски содржини од „Спорт клуб“ се префрлаат на „Арена спорт“. Со ова ќе се заокружи децениската спортска приказна која го одбележа регионот, а Спортскиот клуб повеќе нема да постои.

Сите спортски содржини од „Спорт клуб“ се селат на каналите „Арена спорт“. Оние коишто имале „Спорт клуб“, во блиска иднина треба да добијат канали на „Арена спорт“, каде што ќе можат да ги следат сите содржини што се навикнати досега да ги гледаат на СК.

Тоа значи дека кошаркарската Евролига, фудбалската Бундеслига, мотоспортот, целиот тениски календар и многу повеќе содржини се селат на каналите „Арена спорт“.

Со договорот и купопродажбата меѓу „Телеком Србија“ и „Јунајтед груп“, содржината на „Спорт клуб“ ќе престане да се емитува за целиот регион, поточно во Македонија, во Босна и Херцеговина, во Србија и во Црна Гора. Со ова заврши долгогодишната битка за спортски ТВ-права и нема да има повеќе конкуренција.

На каналите на „Спорт клуб“ низ годините имаше голем број спортски настани кои посебно беа важни за Македонија и нашите фанови. Посебно ќе се паметат два фудбалски преноса.

На „Спорт клуб“ се пренесуваа дуелите на Македонија против некогашните светски фудбалски прваци Германија и Италија. Во квалификаците за пласман на СП 2022, Македонија славеше над Германија во Дуисбург со 2:1 со головите на Горан Пандев и Елиф Елмас.

Потоа во баражот за СП 2022, Македонија направи сензација и во Палермо и ја победи Италија со 1:0 благодарение на погодокот на Александар Трајковски во 90+2 минута.

Овие историски победи на Македонија немавме можност да ги следиме со макдонски коментатор, но затоа и српските новинари се радуваа на овие успеси на нашата репрезентација.

- Оглас -

Најнови вести