Еден од клубовите со богата фудбалска историја во Турција, Бурсаспор, се соочува со неизбежно згаснување, тврди претседателот на клубот, Реџеп Гунај. Клубот западна во финансиски тешкотии поради огромните долгови и забраната за доведување нови фудбалери.
„Да биде јасно, според документите кои ги имаме, очигледно е згаснување на клубот. Шансите за опстанок на Бурсаспор се еднакви на нула. Изречена е законска мерка. Тоа не може да се реши со пари. Се обидовме да ја тргнеме казната со правни мерки. Предложивме и казна со одземање бодови“, открива претседателот Гунај.
Бурсаспор има долг од 1,5 милијарди турски лири, а следуваат и други долгови.
„Се обидуваме да ја сочуваме иднината на клубот. Се жалевме во УЕФА, ТФФ и ЦАС. Чекаме следната недела да биде објавена одлуката“, додава првиот човек на клубот.
Бурсаспор е клуб со 60-годишна традиција, а најголемиот успех го оствари во 2010 година, кога ја освои титулата во турското првенство, а има и трофеј од Купот на Турција од далечната 1986 година.