Жалгирис постави евролигашки рекорд

Кошарката е спорт број 1 во Литванија, а клубот Жалгирис сега може да се пофали и дека е најгледаниот тим во историјата на Евролигата, според просечната посетеност во една сезона. На средбите на „зелената шума“ во Каунас, сезонава има просек од 14.737 гледачи, што е рекорд во постоењето на Евролигата.

Од 15-те меча кои ги играше дома Жалгирис, на 10 трибините беа исполнети до последно место, што исто така е рекорд и доказ дека тамошните фанови не ги интересира кој е гостинот, туку одат да уживаат во својот омилен спорт.

Стариот рекорд според просечната посета во една сезона го држеше белградска Црвена ѕвезда, чии навивачи во сезоната 2014/15 доаѓаа во просек по 14.496 на меч. Трет е Фенербахче со просек од 13.925 навивачи во сезоната 2010/11. Жалгирис има уште три сезони со просек над 13.000 фанови по меч.

Каунас и „Жалгирио арената“ заедно со Париз се кандидати за вонредно добивање на организацијата на фајнал-форот во 2020 година. Тој Ф4 турнир треба да се игра во Атина, но ако не биде доставена финансиска гаранција, на главниот град на Грција ќе ѝ биде одземено домаќинството на настанот и доделено на друг град, а Атина ќе чека шанса за 2021 година.

- Оглас -

Најнови вести