Ждрепката за СП остава простор за манипулации во плејофот на Лигата на нациите

На 13 декември во Цирих ќе се влече ждрепка за составот на групите за квалификациите за Светското првенство 2026, а Македонија можеби нема да ги дознае имињата на сите ривали со кои ќе треба да се бори за пласман на Мундијалот.

Осум носители, четвртфиналистите од Лигата на нациите (Португалија, Хрватска, Франција, Италија, Германија, Холандија, Шпанија, и Данска), нема да знаат во која група играат веднаш по ждрепката, туку ќе дознаат дури по четвртфиналето од Лигата на нациите.

Имено, репрезентациите кои влегуваат во полуфиналето на Лигата на нациите мора да играат во една од шесте групи со по четири тима (во другите шест групи ќе има по три тима) бидејќи поради одигрување на финалето на ЛН, ќе имаат натпревар помалку од репрезентациите кои не играат финале.

Само четири групи ќе бидат целосно формирани со ждрепката на 13 декември. Дури осум групи ќе бидат „отворени“ до март поради четвртфиналето на Лигата на нациите (20 и 23 март 2025 година).

Репрезентациите коишто играат плејоф од елитната Лига на нации нема да учествуваат во ждрепката во класичен начин со имињата на репрезентациите, туку секој од тие осум тима ќе биде опишан како „победник во првиот четвртфинален меч во Лигата на нациите“, „поразен во првиот четвртфинален меч“ „победник во вториот четвртфинален меч“, итн.

Значи осумте најсилни од Лигата на нации по ждрепката ќе имаат по две потенцијални групи, а во која ќе влезат, ќе зависи од исходот во четвртфиналето на Лигата на нациите.

Ќе дојде до ситуација да знаат во каква група би биле ако победат и во каква група би биле ако загубат во четвртфиналето. Теоретски можно е пораз во четвртфиналето на Лигата на нациите да носи во послаба група од онаа во која би отишла доколку победат и тука е просторот за можна манипулација.
- Оглас -

Најнови вести