Скандалот кој го предизвика една жена со навредите и покажувањето среден прст кон Рафаел Надал, по што беше исфрлена од трибините, доби и ново продолжение. Жената која не го кажа своето вистинско име, туку побара да ја викаат Лиза, даде интервју во кое ја објасни својата постапка.
„Не го сакам Надал. Мислам дека е неверојатно здодевен со оние негови постојани ритуали пред да сервира“, рече „Лиза“, која додаде дека не сакала да го гледа Надал, туку купила билет за претходниот меч кој се играше на истиот терен, на кој се сретнаа Коко Гоф и нејзината омилена тенисерка Елина Свитолина.
„Штом толку светот се занимава со мене и моите фотографии како покажувам среден прст, докажува дека мечот бил неинтересен. Веројатно не требаше да го направам тоа, но сега е готово. Мојата ќерка не е среќна за ова што се случи. Му викав да престане со ритуалите, тој ме погледна и тогаш ми дојде да му покажам среден прст“, објаснува жената која е од Сиднеј, но секоја година специјално доаѓа во Мелбурн да гледа тенис.
Надал има свое објаснување за однесувањето на жената.
„Не ја познавам и не сакам да ја познавам. Не знам зошто го направи тоа, можеби во прашање е многу испиена текила или џин“, рече Шпанецот.